UNiTY esports го продолжи настапот на United21 Season 57 и обезбеди место во плејофот, откако во одлучувачкиот меч од Група B ја победи ENCE Prospects со 2:0. Натпреварот беше во петок во 12:30 часот.
Составот, предводен во играта од македонскиот капитен 2high, претходно во текот на неделата го загуби мечот на победниците од Gatorian и мораше да помине низ одлучувачкиот меч. ENCE Prospects, која во четвртокот ја елиминираше TheChampionGG, не најде одговор во серијата до две победени мапи.
UNiTY се приклучи на турнирот како подоцнежна замена за WOPA Esport, која се повлече поради проблеми со распоредот, а групата ја отвори со победа од 2:0 над TheChampionGG. Првите два тима од секоја група продолжуваат во плејофот со двојна елиминација на овој турнир од C-Tier со награден фонд од 10.000 долари.
Следниот предизвик за UNiTY е на друг турнир: во неделата во 10:00 часот ќе игра против Acend во осминафиналето на плејофот на NODWIN Clutch Series #13.